Владата се фали за 100-те дена, Опозицијата со критики: Континуитет на неспособноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата во изминатите 100 дена си постави јасна цел а тоа е сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот на граѓаните, истакна премиерот Димитар Ковачевски на седницата посветена на изминатите 100 дена од Владата. Тој наведе дека клучни предизвици биле справувањето со кризите на пандемијата, особено со економската и енергетската криза, како и последиците предизвикани од воената агресија на Русија врз Украина. НАТО и Европската унија остануваат високо поставени во владината агенда рече Ковачевски. Вели дека и натаму ќе биде тешко но дека посветено ќе се работи.


„Ова беа 100 дена на предизвици, денови на здравствена криза, на енергетска криза, економска криза, воена криза и клучна цел беше да се задржи стандардот на граѓаните. Обезбедивме непречена исплата на сите обврски на Буџетот, обезбедивме зголемени приходи, обезбедивме поддршка на инвестициите, обезбедивме поддршка на земјоделството, се она што една Влада треба да го прави за своите граѓани во време на криза“, вели премиерот Ковачевски.

Но од опозицијата со критики за работењето на оваа Влада, оценуваат дека економијата е уништена а власта се луксузира со парите на граѓаните.

„Станува збор за 5-годишен континуитет на Владата на Социјалдемократскиот сојуз, континуитет на неспособност, аматеризам, криминал и корупција. Веќе трет пат по ред ги имаме тие 100 дена на Влада, најдобро граѓаните знаат како се чувствуваат тие после тие 5 години кои што се под власт на Социјалдемократскиот сојуз односно знаат дали нивните џебови се полни или се попразни“, вели Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

-Нашите коментари беа такви какви што беа и нашите очекувања кои ги кажавме и на почеток. Ова се уште 100 дена повеќе измама, уште 100 дена повеќе лаги, уште 100 дена повеќе манипулација, уште 100 дена повеќе изгубена надеж за граѓаните. 100 дена потонати во корупција, 100 дена потонати во скандали, 100 дена потонати во организиран криминал, 100 дена потонати во неправда во судството, рече Елми Назири од АА.

Владата на Ковачевски е избрана на 17 јануари годинава откако претходниот премиер Зоран Заев си поднесе оставка.