Владата за бојкот на маркетите: Со спроведување на законите до реални цени кои се напумпани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски и денеска со отворена поддршка за бојкотот на маркетите. Овој пат ставот го кажа и во Стопанската комора каде што членуваат дел од ланците на маркети. Повтори дека дел од маркетите ја злоупотребуваат својата позиција и нереално ги покачиле цените.

Министерката за финансии пак вели за да има некаков ефект и да се вразумат трговците, треба да се спроведуваат законите.

„Во континуитет, со години повторуваме дека инфлацијата во Македонија повеќе е создадена внатре отколку што е увезена… Да се почитува Законот за нефер трговски практики. Ништо повеќе од тоа“, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии.

„Има поедини економски оператори кои што својата положба на пазарот ја злоупотребуваат. И за мене како граѓанин, да се апстрахираме од политиката, како граѓанин е нелогично исти производи во маркетите кај нас да бидат со исти или со повисоки цени отколку во маркетите во соседството“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

За да може да се спроведе Законот за нефер трговски практики, Комисијата за заштита на конкуренцијата побарало седум нови вработувања, кои што се веќе одобрени од Финансии.

Инаку, добар дел од економистите сметаат дека бојкот на маркетите може да даде само моментални, краткорочни ефекти. Тие велат дека за да има вистинска зауздување на цените, мора да се зголеми домашното производство на храна, драстично намалување на увозната зависност од електрична енергија и транзитирање кон зелена енергија како и насочена помош кон најсиромашните. Мицкоски вели дека за ова се на добар пат.

„Да има убав инвестициски дух, да нема условно кажано притисоци, политички притисоци, уцени, закани или познато кај народот рекетирање на бизнисот. Да го ослободиме бизнисот од било какви офанзивни политички дејства“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Инаку, во 2023 година прометот на маркетите во државава бил 930 милиони, со профит од 35 милиони евра. Ова значи дека профитната стапка на овој сектор е 3,76 отсто, при што податоците покажуваат дека поголемиот дел од маркетите се движат околу оваа бројка, додека само еден има нешто над 10 насто профит.