Владеењето на правото најголем проблем – Камбовски: Ние сме хибриден режим во кој владеат политички елити

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ очекува политичко обединување не само во парламентот туку и во граѓанскиот сектор, особено поради фактот што во текот на месецов го очекуваат и писмото од Советот на министри со кој што ќе може да се почне расправата и разговорите околу забелешките кои што ќе ги има во патоказите.

„Владеењето на правото е клучна претпоставка за развој, за да можеме на среден и на долг рок навистина да воспоставиме систем по овие патокази каде што нема да ни требаат дополнителни механизми за набљудување на нашиот систем на правосудство во избор и разрешување на судиите, квалитетот на правдата, квалитетот на пресудите, брзината на постапките, ефикасноста во постапките што се дел од забелешките на Европската унија“, вели Бојан Маричиќ.

Академик Владо Камбовски со низа критики. Потенцираше дека владеењето на правото не значи и донесување на закони кои ги имаме во голем број. Сепак го постави прашањето дали ние ќе живееме во држава каде има владеење на правото или ќе бидеме хибриден режим.

„Од заробена држава 2015 малку се помрднавме накај хибриден режим, се уште далеку и се уште во една преддржавно-правна состојба. Ние живееме во преддржавно-правна состојба во која не владее правото туку владеат поединци, владеат политички елити. Ние имаме одметната извршна власт, Собрание кое не ја контролира Владата туку е контролирана од Владата односно од владејачките политички партии и имаме судство кое не е независно“, посочи Владо Камбовски.

Професорката Беса Арифи наведе неколку забелешки во однос на владеењето на правото.

„Во рамки на зајакнувањето на независноста, ефикасноста и непристрасноста на правосудството се спомнуваат овие предизвици: значи сите тие кои доаѓаат од оваа фела спомнуваат нарушена доверба во правосудството и висока зависност на правосудството од извршната власта. Недостиг на кадар во судовите и јавните обвинителства што потоа рефлектира во квалитетот на правдата во нашата држава“, вели Беса Арифи.

На дебатата говореше и Александар Стојков кој истакна дека владеењето на правото и доброто управување се области во која е потребен најголем напредок. Тој истакна дека дури 51 процент од забелешките на Европската комисија се однесуваат токму на овие проблеми.