Владината просечна потрошувачка кошничка е за 160 евра пониска од синдикалната минимална. Владата пресметала дека на едно четиричлено домаќинство во јануари му биле потребни 56.000 денари- откри во емисијата Бизнис 21 министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Според него владината просечна била поевтина од синдикалната минимална, бидејќи синдикатот имал нереално повисоки пресметки.
„Во јануари 2026 година просечната потрошувачка кошничка што е направена една пресметка од ова нели, наша пресметка е околу 56.000 денари. Ако ја разгледаме структурата на 2025 година ќе видиме значајни разлики по категории. Како на пример кај облека и обувки разликата изнесува за три илјади и нешто денари, околу 50 проценти е поевтина. Кај домување, вода исто така електрика, горива разликата е исто околу 3.000“, вели Дурмиши.
А зошто?
„Поради тоа што таму ставиле многу трошоци кои што не ги употребува едно семејство“.
Дурмиши кажа дека во владината кошничка има над 100 основни прехрамбени производи, а влезено било и нескафето, кое за премиерот беше луксуз. Инаку, синдикалната кошничка за јануари е 66.400 денари, а февруарската стигна до 67.400 денари, или за два месеци според пресметките на синдикатот е зголемена за 2.000 денари.
Дурмиши рече дека гледа популизам и политика во протестот на Сојузот на синдикатите закажан за 14-ти март во сабота. Како и на нивното барање за 600 евра минимална плата и раст на сите плати за 100 евра.
„Ако ме прашувате мене јас сакам минималната плата да биде 1.000 евра. Не само мене кој и да го прашувате. Се вражаме на тоа дали тоа е економски одржливо. Дали 1.000 евра после ќе вредат толку колку што се реално. Дали куповната моќ ќе биде тоа што е, или ќе одат, цените ќе се зголемат уште повеќе каде што ниту 1.000 евра не можат да ги стигнат, поради тоа што нема економска основа, оти не е базирно на економските податоци“, вели Бесар Дурмиши.
Според Дурмиши, ако конфликтот на Блискиот исток се продлабочи, можни се сериозни импликации и за земјава. Но, рече дека како Влада ја следат состојбата и ќе реагираат. Доколку има раст на цените ќе се оди со ограничување на маржи и замрзнување на цени на основните прехрамбени производи.
