Владини мерки против високите цени, во вторник ќе се знае дали дијалог или офанзивни мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вторник, на седница на владата ќе биде денот Д или во овој случај денот М, како мерки, што ќе се преземат против оние производители, дистрибутери и трговци кои драстично, надвор од пазарна логика, ги зголемуваат цените на производите. На владината седница освен Државниот пазарен инспекторат кој ги чешла сите учесници на пазарот, ќе бидат повикани и претставници на други институции, а премиерот Христијан Мицкоски повтори дека ќе се обидат да дојдат до решение преку дијалог со производителите, дистрибутерите и ланците со маркети. Но, ако не се почитува договореното, како што не се почитуваше со „Новогодишната кошница“, ќе следуваат офанзивни мерки за да се влијае врз цените.

„Доколку гледаме дека едната страна не почитува договорено, тогаш како влада ќе мораме да интервенираме. Ние не сакаме со интервенционизам да водиме политика, сакаме преку дијалог, разговор да дојдеме до зедничко решение. Се обидовме пред нова година. Знаете како беше, но за жал, работите ескалираа и некако е нарушена довербата помеѓу трговците и владата. И сега еве оставивме повторно да има одреден вид на дијалог“, рече Мицкоски.

Мицкоски повтори дека Државниот пазарен инспекторат и другите институции го чешлаат работењето и на аптеките и на трговците со бела техника кои на граѓаните им продаваат далеку поскапи производи отколку што чинат во регионот. Проверено било дали тоа се должи на наводни повисоки царини што ги има Македонија и утврдено е и дека царините се на исто ниво како и во соседството.

Инаку, во петокот 07. февруари по втор пат имаше бојкот на маркетите, при што прометот беше поголем отколку при првиот бојкот кој беше на 31 јануари годинава.

ПРОМЕТ ВО ОСУМТЕ НАЈГОЛЕМИ ЛАНЦИ НА МАРКЕТИ
31 јануари 2025 (петок): 1,858,428.73 евра
07 февруари 2025 (петок): 2,947,778 евра +36,95%