Владините коалиционери ќе се усогласат – Таравари: Законот за правична застапеност на маса пред партнерите во власта

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Предлог законот за правична застапеност прво ќе се најде на усогласување пред тројцата коалициони партнери во Владата, ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВРЕДИ и партијата ЗНАМ, па потоа ќе го изнесеме во јавноста. Ова го изјави министерот за здравство Арбен Таравари, откако уште пред една недела рече дека законот е подготвен, иако наспроти неговата изјава, вчера премиерот Мицкоски рече дека законското решение не е готово.

„Предлог закон од наша страна има. Меѓутоа, ние во Влада сме коалиција од три коалиции, значи ЗНАМ, ВМРО со сите партии и ние како ВЛЕН. Сега треба да седнеме и да синхронизираме меѓу нас, да направиме заеднички продукт и тоа да го пуштиме и до јавноста, и за јавна дебата и до парламентот. За тоа ќе ангажираме повторно експерти кои што имаат сенс за оваа работа“, вели Арбен Таравари.

Критиките пак од претседателот на СДСМ Венко Филипче дека овој закон се прави на нетранспарентен начин, или како што рече тој, во партискиот штаб на ВРЕДИ, Таравари ги отфрла и вели дека барем не се носи по скратена постапка.

„За разлика од минатиот период кога законите набрзина поминуваа, сега не,ма да помине така туку ви велам, ние подготвивме нешто, сега ќе седнеме, значи владиното мнозинство да се координира и  потоа ќе отвориме јавна дебата и нормално тоа ќе биде достапно до сите и до медиумите и до јавноста и не планираме тоа да го поминеме за една недела – две. Меѓутоа во разумен период, мислам дека треба да отвориме јавна дебата и ќе го направиме тоа секако“, порача Арбен Таравари.

Сепак предлог законското решение се уште не е познато што конкретно ќе содржи, односно на кој начин ќе се обезбедува правичната застапеност. За ова не сакаше да зборува ниту Таравари, кој рече, дека најпрво тоа ќе се усогласува на маса со сите владини коалиционери, а потоа ќе излезе во јавност. Единствено има изјавено дека со новиот закон ќе се гарантира не само етничка туку и полова како и застапеност во институциите и на други категории граѓани.