Власта ја поздрави одлуката на Стразбур – Ковачевски: Голема победа, ВМРО-ДПМНЕ: Правдата ќе излезе на виделина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот Стево Пендаровски ја поздрави одлуката на Судот во Стразбур, велејќи дека обвинетите, а некои од нив и осудени, своите права треба да ги бараат во правниот систем во земјава.

„По објавувањето на одлуката од страна на Европскиот суд за човекови права, претседателот ја разгледа со советничкиот тим и смета дека сите засегнати со постапките поведени од страна на обвинителството и судовите во државата, треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур“, велат од Кабинетот на претседателот.

Ова е голема победа и успех за државата и правниот систем, коментираше премиерот Димитар Ковачевски. Додаде дека важно е да се истакне дека спротивно на тврдењата на апликантите, Судот не утврди прекршување на Европската конвенција за заштитата на човековите права.

Реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде пишуваат дека Владата наместо да слави за одлуката на Судот во Стразбур, треба да биде загрижена, бидејќи, како што велат, суштината и правдата ќе излезат на површина, а судот само констатирал дека апликацијата е испратена порано отколку што треба.

„Европскиот суд за човекови права донесе одлука во која вели дека поднесените апликации од апликантите се преуранети и не навлегува во суштината на апликациите. Во одлуката се вели дека не се исцрпени сите правни механизми во Македонија.m Владата наместо да слави за дефокус треба оваа одлука да ја загрижи, бидејќи суштината и правдата еден ден ќе излезат на виделина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според АА, одлуката на Судот во Стразбур, е голема победа на надежта за правда во нашата земја.

„Оваа одлука ја зајакнува уште повеќе нашата одлучност во битката против криминалот и неправдата, ја враќа надежта кај граѓаните и тешко ги погодува сите оние кои се надевале и се обидувале да се пазарат со правдата во интерес на криминалот и корупцијата. Граѓаните и домашната јавност треба да бидат подготвени и за реакција на структурите и индивидуите кои се погодени и веќе се загрозени од одлуката и нашата битка за правда“, велат од Алијанса за Албанците.

Со аболицијата на Иванов беа опфатени 54 лица од предметите на СЈО. Меѓу нив повеќето беа функционери на ВМРО-ДПМНЕ меѓутоа таквата постапка на екс претседателот предизвика остри реакции во земјава и надвор а дури се одржаа и протести. По еден месец и половина и по законските измени на овој закон, Иванов ги повлече аболициите.