Судот за човекови права во Стразбур одлучи барањата за разгледување на аболицијата што првин ја даде, а потоа повлече екс-Претседателот Ѓорге Иванов се недопуштени.
Од Судот велат дека не можат да постапат по аболицијата на Иванов, бидејќи обвинетите и осудените не ги исцрпиле сите домашни правни лекови, што значи дека првин предметите треба да завршат во сите судски институции во земјава.
Согласно одлуката, предметите на некогашното Специјално јавно обвинителство против екс-функционерите на ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат.
„Многу од апликантите биле членови на владејачката партија (ВМРО-ДПМНЕ) во времето на предметните настани и сите имале истакнати јавни функции, вклучително и премиер, министри во владата и градоначалници. Ним им се суди за наводни кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското широкораспространето прислушување. Тие добија претседателски помилувања, кои подоцна беа поништени. По поништувањата, им се судеше, што е предмет на овој предмет. Судот одлучи дека апликантите не ги исцрпеле домашните правни лекови“, вели Судот за човекови права во Стразбур.
Според бранителот на апликантите во Стразбур, Влатко Илиевски, несфатливо е што на Европскиот суд му било потребно долго време да одлучи дека апликацијата е преуранета.
Одлуката на Стразбур се однесува на обвинетите во предметите „Таргет-Тврдина“, „ТНТ“, „Титаник“ и „Транспортер“ кои ќе треба кривично да одговараат за делата за кои се товарат. Жалбата во Стразбур беше поднесена во 2017 година, повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.
