Политичките партии на Албанците во Македонија реагираа остро и со различни ставови во врска со најавениот студентски протест на 18 мај, на кој студентите бараат правосудниот испит да се полага на албански јазик.
Од коалицијата ВЛЕН ја обвинија ДУИ дека се обидува да го инструментализира студентското незадоволство за политички цели и враќање на власт.
„ДУИ е распадната. Не може да се опорави по казната што Албанците ѝ ја дадоа со глас. Затоа прави она што отсекогаш го правела кога ѝ гори земјата под нозете – фрла камен и ја крие раката. По 20 години власт врз грбот на Албанците, со истите постојани кадри на врвот, оваа партија очајно се бори да се врати на власт. Како хипокрити, заедно со неколку ‘студенти’ вовлечени во нивна политичка игра, се обидуваат да ги користат студентските протести како средство за враќање на власт“, наведуваат од ВЛЕН.
Оттаму додаваат дека правосудниот испит никогаш не се полагал на албански јазик и дека претходните раководства имале можност да го решат тоа, но не го сториле.
„Кога имаа министри, пратеници, премиер, претседател на Собрание и целосна власт – не го решија. Сега студентите се злоупотребуваат за политички цели“, стои во реакцијата.
Од ВЛЕН апелираат студентите да не дозволат да бидат злоупотребени и најавуваат дека тие ќе работат на решавање на, како што велат, отворените прашања.
Од друга страна, од ДУИ ги отфрлаат обвинувањата дека протестот е партиски и тврдат дека само одговориле на повикот на студентите за поддршка.
„ДУИ се одѕва на отворениот повик на студентите, како што направија и многу други партии и организации. Ова не е партиски протест и никој не може да го присвои студентското незадоволство. Станува збор за барања за еднаквост, почитување на албанскиот јазик и европска иднина“, велат од ДУИ.
Поддршка за протестот изрази и Алијансата за Албанците – крилото на Зијадин Села, од каде што студентскиот протест го оценуваат како национална кауза.
„Студентскиот повик треба да биде поддржан од сите Албанци. Ова не е обичен протест, туку прашање за јазикот, идентитетот и достоинството“, наведуваат од АА-Села.
Ова е втор протест на албанските студенти поврзан со прашањето за правосудниот испит, по оној одржан на 6 април годинава.
