Министерството за здравство и Министерството за социјална политика повеќе нема да бидат предводени од кадри на ВЛЕН. Со реконструкцијата на Владата, министерот за здравство Азир Алиу повеќе нема да ја извршува оваа функција. Сепак, како што изјави, тоа не го обесхрабрува да продолжи да придонесува за општеството. Рече дека ќе продолжи таму каде што ќе има потреба.
На местото на Алиу, на чело на Министерството за здравство доаѓа Сашо Клековски, актуелен директор на Фондот за здравствено осигурување. На неговото место во Фондот ќе биде назначен Златко Перински, досегашен министер за локална самоуправа, чија функција ќе ја преземе Иван Стоилковиќ, кој досега беше министер за односи меѓу заедниците.
Уште едно име кое повеќе нема да биде дел од владиниот кабинет е Фатмир Лимани, кој веќе неколку месеци е разделен од ВЛЕН – коалицијата што го предложи за министер за социјална политика, демографија и млади. Како и Алиу, и Лимани вели дека нема да запре тука. Во подолга објава на Фејсбук напиша дека неговата мисија во служба на граѓаните продолжува, без оглед на политичките предизвици.
„Маратонецот знае дека паузите служат само за да ја згасне жедта и да собере енергија за следната етапа.“, рече Фатмир Лимани.
На местото на Лимани, за министер за социјална политика доаѓа досегашниот заменик-министер Ѓоко Велковски. Бидејќи ВЛЕН повеќе нема да раководи со овие два ресора, новите министерства што ќе ги предводи се Министерството за правда, Министерството за односи меѓу заедниците и Министерството за култура и туризам. Конечните имиња сè уште се очекува да бидат утврдени.
„Според неофицијалните информации што кружат досега, за нови министри се споменуваат Јетон Шасивари за правда, Агон Ферати за односи меѓу заедниците и Седат Сулејмани за култура. Министерството за правда досега го водеше Игор Филков од редовите на ЗНАМ, која во замена го доби Министерството за земјоделство“, вели Бесар Дурмиши.
„Сметаме дека во Министерството за правда сме го креирале вистинскиот пат, сме ја завршиле работата и согласно нашата програма за парламентарните избори, прифативме нов предизвик – а тоа е Министерството за земјоделие, затоа што тоа беше беше една од нашите главни точки, програмски определби – самooдржлива држава. Некој ако смета дека Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство не е битно министерство, мислам дека се лаже.“, порача Горан Минчев.
Се очекува ЗНАМ да добие и дополнителна функција – заменик-министер, но сè уште не е утврдено во кој ресор.
Од друга страна, се очекува на владејачкото мнозинство да му се приклучи Демократската партија на Турците, која има еден пратеник. Како што изјави премиерот Мицкоски, партијата ќе влезе во Владата како дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„…и нејзино учество во Владата со еден претставник – министер без ресор, така што Владата ќе го задржи истиот број министерства, со тоа што ќе има двајца вицепремиери помалку во споредба со изминатите две години.“, вели Христијан Мицкоски.
За министер без ресор задолжен за Стратегијата за вклучување на Ромите, на местото на Шабан Салиу доаѓа Ерџан Демир, од комитетот на ВМРО-ДПМНЕ во Шуто Оризари.
Премиерот соопшти и дека ресорот за добро владеење се укинува, а неговите надлежности директно ќе преминат под Кабинетот на претседателот на Владата.
Според најавите на Мицкоски, целиот процес на реконструкција, на сите нивоа, треба да биде завршен во текот на јули.
