ВЛЕН со нов пристап кон децентрализацијата: Поголема моќ за општините

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со нова политичка визија за децентрализација, ВЛЕН ја става локалната власт во центарот на својата програма, нагласувајќи дека вистинската демократија се гради таму каде што граѓаните секојдневно живеат и функционираат – во општините и локалните заедници.

Од партијата порачуваат дека децентрализацијата не треба да остане само формален процес, туку да прерасне во суштинска трансформација на начинот на управување. Според нив, тоа значи општините да добијат вистинска автономија во носењето одлуки, стабилни финансиски ресурси и јасно дефинирани надлежности.

Во фокусот на програмата на ВЛЕН се фискалната децентрализација, поттикнувањето на локалниот економски развој и отворањето можности за прекугранична соработка. Како пример за ваков пристап го посочуваат проектот Тетово–Призрен, кој има за цел да ја зајакне инфраструктурната и економската поврзаност меѓу граѓаните од двете страни на границата.

Партијата исто така нагласува дека локалната власт треба да има поголема улога и во образованието, особено во основното и средното, со цел подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните.

Во своите ставови, ВЛЕН упатува критики кон претходните власти, оценувајќи дека децентрализацијата била запоставена на сметка на, како што велат, лични интереси и лошо управување, што резултирало со општини со слаби услуги и недоволен развој.

„Потребна е нова етапа во која општините нема да се третираат како политички плен, туку како функционални институции кои им служат на граѓаните“, велат од ВЛЕН.

Со оваа програма, партијата најавува отворање на ново поглавје во управувањето со локалната власт, каде општините ќе бидат носители на развојот, а не само извршители на централните политики.