Ако Алијанса за Албанците влезе во Влада, тогаш Министерството за правда би било еден од ресорите каде сметаме дека би дале свој придонес за подобрување на состојбата. Вака изјави синоќа во „Клик Плус“, пратеникот на АА, Халил Снопче.
„Ако го критикуваме нефункционирањето на правниот систем, ако го критикуваме неспроведувањето на законите во оваа земја, ако го критикуваме високиот степен на корупција во земјата, нормално Министерството за правда и некои управи кои се поврзани со нормалното функционирање на правниот систем. Би било логично затоа што сметаме дека имаме доволно политичко знаење за да дадеме свој придонес“, вели Халил Снопче.
Сепак, според аналитичарот и новинар, Арбен Раткоцери, би било многу наивно да се верува дека можат да се направат големи реформи само со еден политички субјект. Како што вели, ова би можело да се постигне само со договор меѓу четирите главни политички партии во земјава, две македонски и две албански.
„Да не бидеме наивни дека еден албански политички субјект, било Алијанса, ја земам како најмоќна, било ДУИ во оваа држава, во ваква форма каква што е, ќе имаат можност да ги направат тие големи промени во државата“, додаде Арбен Раткоцери.
ТВ21: Која е големата промена во државата?
„Големата реформа во правосудство, ја земам само како пример. Не може, за година и пол не може да се направи тоа. И за осум години не може“
Според аналитичарот Сефер Селими, АА овојпат треба да биде внимателна во однос на коалицијата со владејачките партии. Тој додава дека ако Алтернативата со тројца пратеници има три министерства, тогаш Алијанса треба да има повеќе.
„Коректен, јасен, добро дефиниран и пред сѐ пропорционално еднаков договор со сите други коалициски партнери“.
ТВ21: Интересно како хипотеза. Зборувам искрено.
„Не може, на пример, Алтернативата со три и пол пратеници да има три министерства, а на Алијансата да ѝ бидат понудени три министерства со 8 пратеници“.
На ист став е и пратеникот Снопче. Кога ќе има понуда, треба добро да се анализира и овој сегмент, вели тој.
„Многу е нормална тезата што ја покрена г. Селими и многу е нормално дека треба да биде понуда согласно оваа теза. АА во моментот кога ќе добие понуда, секако дека ќе го земе предвид и овој факт. Барем јас би го земал предвид, бидејќи треба да излеземе пред нашите гласачи и да се оправдаме“, вели Халил Снопче.
Друг ресор за кој се шпекулира дека би заминал во рацете на Алијанса е Министерството за здравство. На прашањето „Дали Беким Сали си заминува, а доаѓа Беким Татеши?“, Снопче одговори дека сѐ уште нема конкретни понуди.
