ВМРО-ДПМНЕ: Брисел ја препозна Македонија како лидер во реформите, СДСМ: Реформската агенда е во застој

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Власта и опозицијата со дијаметрално различни ставови во однос на успешноста на Реформската агенда и средствата од планот за раст.

„Заедно со Албанија и Црна Гора, Македонија е препознаена како лидер во регионот според постигнатите резултати. Оценка на Европската комисија е јасен доказ дека државата се движи во правилна насока и дека реформите се препознаени од институцијата која единствено ги оценува нивниот квалитет и напредок. Дополнително, Европската комисија предлага реалокација на средства од Планот за раст, при што поголем дел од финансиската поддршка треба да биде насочен кон земјите што покажуваат најдобри резултати“, се вели во соопштението на владејачката партија.

Според нив, тоа е признание за сработеното, но и можност да се обезбедат дополнителни средства за развој, затоа за ВМРО-ДПМНЕ е неразбирливо зошто СДСМ продолжува со политички блокади на законите што произлегуваат од Реформската агенда, повикувајќи ги да ги остават дневнополитичките интереси настрана и да покажат државничка одговорност.

Од друга страна, опозициската СДСМ смета дека Владата ја довела државата во сериозна економска и политичка криза, а сите показатели покажуваат дека се подготвуваат предвремени избори. Од СДСМ велат дека економијата е во слободен пад, инфлацијата ги изела платите, цените на основните производи континуирано растат, минималната плата не е зголемена, а истовремено јавниот долг е зголемен за над 2,5 милијарди евра за две години, додека според опозицијата, буџетот е празен.

„Реформската агенда е во застој. Додека Црна Гора доби пакет од 3,2 милијарди евра, Македонија ризикува да изгуби значителен дел од европските средства поради неисполнување на реформските чекори. Парите од ЕУ нема да дојдат ако не се спроведат реформите а оваа Влада очигледно не е способна да ги спроведе“, се вели во соопштението на СДСМ.