ВМРО-ДПМНЕ: Џафери не заслужи премиерско место – СДСМ: Техничката Влада треба да се укине, веќе има демократија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ вчера не гласаше за техничката влада, велат дека ниту Талат Џафери ниту пак самата партија ДУИ заслужила да го добие премиерското место.

„Имаме огромни забелешки за Џафери за неговото работење како претседател на Собранието но и за ДУИ како партија согласно Законот за Влада нема законски право, ниту пак етичко право да има технички премиер“.

Ова во вчерашното Отворено студио на ТВ21 го изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, кој истакна дека по овие избори ДУИ треба да оди во опозиција за да се реформира.

„ДУИ посакуваме да биде партија која што ќе отиде во опозиција, длабоко ќе се реформира и ќе ја преземат луѓе со силен морален и етички предзнак докажани професионалци. Ќе постојат, по мое очекување, веројатно многу патишта до формирање на ново парламентарно мнозинство, формирање на нова Влада без ДУИ во неа. Со ова раководство на ДУИ, со овие луѓе кои што сега ја раководат партијата и кои што се дел од Владата тешко веројатно ќе биде да се формира Влада заедно со ВМРО-ДПМНЕ“, вели Тимчо Муцунски.

Техничката влада за која пак ВМРО-ДПМНЕ претходно бараше да се укине, според заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска е надминат модел со кој се излезе од политичката криза во 2016 и во овие услови веќе не е потребен.

„Сега од оваа перспектива ако гледаме, дури и ВМРО-ДПМНЕ кажа дека нема потреба да имаме техничка влада, искрено за нас тоа е веќе комплимент и доблесно е да се признае дека веќе живееме во земја во која може да се зборува слободно во која владее демократија. Ако оваа држава е спремна да излеземе веќе од оној сегмент на техничка Влада првиот услов ќе го имаме не на овие парламентарни избори туку на следните бидејќи тогаш навистина нема да има потреба“, порача Сања Лукаревска.

Вчера беше избрана новата техничка Влада на чело со Талат Џафери, кој има мандат да ги спроведе претстојните избори.

ТВ21 повеќе од 10 часа реализираше отворено студио во кое продефилираа над 20 гости.