ВМРО-ДПМНЕ ја достави до Собранието иницијативата за поведување постапка за гласање доверба на Владата.
Барањето го поднесоа во 14.30 минути откако Зоран Заев не ја депонираше својата оставка на премиерската функција во Собранието, рокот кој му го постави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. И покрај тоа што состојбата со новото парламентарно мнозинство се искомпликува по изјавата на Скендер Реџепи од Алтернатива, Александар Николовски тврди дека имаат потписи од 61 пратеник, но и дека мнозинството ќе биде поголемо.
„Она што е суштински битно, не се потписите, туку се гласовите. Јас од она што го знам и од она што сум го слушнал не можам да зборувам во туѓо име, е дека господинот Реџепи ќе гласа за недоверба на оваа Влада предводена од СДСМ и ДУИ и мислам дека тука е доволно да ја затвориме оваа тема. Во однос на тоа дали со некоја политичка партија ќе успееме или нема да успееме да ги усогласиме ставовите, тоа ќе го видиме откако ќе падне оваа Влада“, истакна Александар Николовски.
По точно 8 дена молк се огласи и премиерот Зоран Заев. Тој преку статус кој го објави веднаш по поднесувањето на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за доверба на Владата, напиша дека е убеден дека не е загубено мнозинството во Собрание.
„За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Но има оваа држава свој народ и граѓани и демократи и борци и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново. Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека позади таа кауза како бедем гордо стојат мнозинството од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници“, посочи Зоран Заев.
По поднесувањето на иницијативата за доверба на Владата, претседателот на Собранието Талат Џафери веќе ја закажа седницата за во четврток, односно точно на третиот ден по поднесеното барање за гласање доверба.
