ВМРО-ДПМНЕ инсистира на попис со „фингерпринт“ – Заев: Како иселени лица ќе ги попишеме со отпечаток на прст?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со овој попис што го планираме етнички калкулации нема, вели премиерот Заев. Но,  за предлогот пописот да се спроведува со отпечаток од прст вели дека тој не може да се реализира поради тоа што ќе се спроведува преку три категории. Прво вкупен број граѓани, потоа оние кои живеат тука и граѓани кои се иселени подолг од една година. 

„Во поново време опозицијата даде предлог кој што е нов, да користиме фингер-принт отпечатоци. Јас не знам како ќе ги користат фингер принт отпечатоци граѓаните што се иселени после една година. Но правиме напори, министерот за правда веднаш стапи во контакти со донаторите да видиме дали може да обезбедиме донации“, истакна Зоран Заев.

Од ДУИ најавуваат дека ќе го поддржат законот, велат дека се работи за многу важен закон со кој ќе се спроведе пописот.

„Финални изменувања и дополнувања се направени и во нов акт, односно нов предлог закон е доставен до Собранието и ќе се процесуира понатаму. Се работи за значаен важен процес така што внимателно и сериозно ќе ја следиме дебатата околу овој предлог“, додава Арбр Адеми. 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека не се согласуваат со предложениот текст и најавуваат 30-ина амандмани кои како што велат се однесуваат на суштински измени на законот. Отфрлањето на нивниот предлог пописот да се спроведе со отпечаток велат е несериозен, бидејќи, следните избори се планираат да се спроведат токму со овој метод.

„Употребата на отпечаток на прст или таканаречен фингерпринт е планирано за наредните локални избори. Доколку Државната изборна комисија ги има набавено или планирано да ги набави овие апаратури можат да бидат дадени за потребите на пописот и потоа истите да бидат вратени за наредниот изборен циклус кој што ќе го имаме во државата“, посочи Никола Мицевски.

Но со овој предлог не се согласува ниту  од опозициската Алијанса за Албанците.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека треба да се попишат само жителите на Македонија, нешто што нема никаква логика, во Македонија треба да се попишат сите граѓани на Македонија за на реален начин да го видиме процентот на жители. Во законот има еден член кој вели – ќе се попишат становите и домаќинствата, доколку одиме по логиката на ВМРО, некој печалбар кој е на привремена работа надвор, и има стан, же го попишат неговиот стан, а нема да го попишат него“, вели Халил Снопче.

Пописот се планира да се реализира во април идната година. Последната статистичка операција е спроведен во 2002 година, односно цели 18 години во Македонија нема попис.