ВМРО-ДПМНЕ ја објави втората група кандидати за градоначалници на претстојните локални избори. Нивните имиња ги соопшти потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски.
Она што најмногу го привлече вниманието е името на актерот Тони Михајловски кој ќе се кандидира за прв човек на Куманово.
Мисајловски рече дека новите кандидати се чисти од криминал и корупција и дека се подготвени да донесат развој во општините во земјава.
Од СДСМ велат дека кандидатите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се повторно оние кои имале државни и локални функции во времето на режимот на Никола Груевски и дека не се нови имиња како што ги преставуваат.
Според СДСМ, фактот што ВМРО-ДПМНЕ засега не излезе со кандидат за Град Скопје, укажува на тоа дека опозициската партија има мала доверба од жителите на главниот град.
