Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најостро ја демантираат изјавата на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, во врска со поднесените амандмани на Предлогот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Собранието.
-Овие амандмани кои што колегата Митрески ги спомена во својата изјава, потенцирам, не се амандмани поднесени од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Дафина Стојановска, заменик координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова, според неа, е срамен обид на СДСМ и нивните пратеници за манипулирање и дефокусирање на јавноста од нивниот насилнички и недемократски метод набрзина да ги изгласаат измените на Деловникот кои поради нивното тенко и нефункционално мнозинство очајно им се потребни.
–Нагласувам, единствен виновник за ваквата состојба е токму СДСМ и нивното тенко мнозинство, а не ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, рече Стојановска.
Амандманите што се поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, претставуваат реакција на она што власта го прави и демонстрира во Собранието.
–Овие амандмани се наш одговор на нивното непочитување на опозицијата, неуставноста, избегнувањето на дијалогот и пронаоѓањето на консензус во врска со ова законско решение за измена на Деловникот. Оттука, ние како пратеници ги прашуваме колегите од СДСМ, дали е штетно, неодговорно и несериозно нивното однесување кога во текот на вчерашниот ден, на Комисијата за финансирање и буџет, го одбија нашиот амандман за бесплатно тестирање за КОВИД на сите граѓани на Република Македонија, праша Стојановска.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ обвини исто така дека колегите од СДСМ се тие кои што со недели одбиваат да дискутираат во врска со македонско – бугарските односи.
–Македонската јавност и граѓаните видоа и слушнаа кој е гробарот на македонштината, а кој е на браникот на татковината. И токму за ова недржавничко однесување, СДСМ, Зоран Заев и екипата околу него, многу скоро ќе ги добијат одговорот и казната од народот, рече Стојановска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
