ВМРО-ДПМНЕ обвинува за политички попис – Симовски: Утврдени се протоколи за попис во услови на ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не стивнуваат критиките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предлог законот за попис за кој веќе втор ден се расправа на собраниска седница. Од оваа партија обвинуваат дека власта спроведува политичка а не статистичка операција, дека законот не е според меѓународни стандарди и затоа бараат да се повлече.

„Ги повикуваме граѓаните на мобилизација, заедно да поднесеме иницијатива до подрачните единици на Министерството за правда за собирање на потписи за предлог закон кој што ќе биде доставен во Собранието и за поништување на овој закон кој што по насилен пат планира парламентарното мнозинство да го донесе“, истакна Дафина Стојановска.

Од СДСМ велат дека опозицијата непотребно го проблематизира законот и повика сите пратеници да го поддржат.

„Ние немаме намера да му дозволиме на ВМРО-ДПМНЕ да спречи уште еден попис. Како пратеници избрани од народот имаме обврска да овозможиме надлежните институции да направат сите подготовки за пописот и успешно да го спроведат согласно меѓународните стандарди“, посочи Славјанка Петровска.

Првиот човек на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вели дека се запазени сите меѓународни стандарди кои се предвидени со законот за попис. Неговото спроведување ни е повеќе од потребно бидејќи 20 години немаме спроведено попис, вели Симовски.

„Има институции кои што, вршат мониторинг постојан на нашето работење и оценуваат дали ги исполнуваме тие меѓународни стандарди или не. Во случајов тоа го прават и Еуростат и Обединетите нации и досега немаме ниту една забелешка ни од една ни од другата институција дека не сме исполниле одреден стандард. На крајот на краиштата тие стандарди не важат за нив, важат за нас“, вели Апостол Симовски.   

И покрај тоа што неколку земји веќе најавија дека ќе го откажат пописот поради пандемијата со Ковид 19, кај нас не се размислува да се пролонгира датумот. Но што доколку граѓаните одбијат да ги примат попишувачите во нивните домови од страв да не бидат заразени, Симовски потсетува дека пописот е задолжителна операција и дека сите протоколи за безбедност се донесени.

„Ние утврдивме некои протоколи во состојба која што ја имавме пред околу месец дена кога имавме најголемо жариште на пандемијата. Како би оделе и што би оделе во такви ситуации. Да, свесни сме дека ќе има желба за одбивање. Постојат средства за заштита, апсолутно сите попишувачи ќе бидат опремени со средства за заштита максимална, но и ќе инсистираме и домаќинствата, кога ќе дојде попишувачот да бидат обезбедени со маска, да има дистанца“, додава Апостол Симовски.

Предлог законот за попис втор ден е на расправа пред пратениците во парламентот Според овој закон пописот се планира да се спроведе од први до 21 април годинава.