Каде во преговарачката рамка се наоѓаат преговорите за струја во Слупчане, случајот со Соравија или аудито на Груби? Ваквите прашања стигнаа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ден откако шефот на македонската дипломатија со креда во рака и на училишна табла преку видео ја објаснуваше Преговарачката рамка.
„Во кој кластер за ЕУ се преговори на Влада со Слупчане за плаќање струја? Каде во европската рамка е претприемачкиот дух на Дрин Ахмети без денар пола Соравија да ја добие? Во кој кластер за ЕУ е изборот на Абази во обвинителство, жена му во АЕК, додека Али му седи на глава? Каде во европската рамка се хотелот на Шапка, дуќанот во Скопје и луксузното ауди на Груби?“, реагира Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Реагираа од кабинетот на министерот за надворешни работи од каде велат дека ваквите изјави од ВМРО-ДПМНЕ се поради тоа што оваа опозициска партија не може да прифати дека нивните лаги и пропаганди се разоткрија со видеото во кое беше објаснета преговарачката рамка.
„Ниту Договорот со Бугарија ниту прегледите од член 12 нема да бидат пречка за напредок во европските интеграции, затоа што тие ниту се дел од поглавјата, ниту во одредниците содржани во акциските планови, ниту пак било каде во специјалниот дел од преговарачката рамка за кој ќе бидат изготвувани извештаи и по кои ќе се гласа. За жалење е што опозицијата наместо да ги изложи своите аргументи и јавно да ги објасни своите политички ставови, избира да се вклучи во измислени приказни со кои се обидува да ја избегне одговорност за политичкиот инает со кој настапува.“, велат од МНР.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вчера објави видео на социјалните мрежи во кои ја објаснуваше суштината на преговарачката рамка со Европската унија. Тој нагласи дека Договорот со Бугарија нема никаква поврзаност со Преговарачката рамка, но дека сепак е можно Македонија да има пречка од бугарска страна во специјалниот дел каде се 35-те поглавја и каде при гласањето од земјите членки Бугарија може да не блокира за Акцискиот план за малцинства.
