ВМРО-ДПМНЕ почнува со собирање потписи – СДСМ најавува комбиниран модел за спроведување на пописот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ од утре ја започнува иницијативата за собирање потписи за оспорување на Законот за попис, најави претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Според  процедурите најпрво треба да се обезбедат 100 потписи кои треба да се достават до претседателот на Собранието за потоа и официјално да започне собирањето потписи за оспорување на законот. Мицкоски ја повика власта да не ги изложува граѓаните на ризик и рече дека опозицијата и натаму останува на барањето за спроведување електронски попис.

„Во текот на утрешниот ден ќе ја започнеме оваа постапка. Очекуваме формално собирањето потписи да започне во почетокот на следниот месец бидејќи такви се законските процедури. Во меѓувреме Хрватска го одложи пописот, соседна Бугарија го одложи пописот, Србија го одложи пописот, Сојузна Република Германија го одложи пописот, Романија, бидејќи на нив животите на граѓаните им се мили. Нашиот апел е ако веќе насилно сакаат да го протнат овој процес на попис, тогаш тој процес нека биде електронски, а да не биде ваков со загрозување на здравјето на граѓаните“, истакна Христијан Мицкоски. 

Наспроти барањето на ВМРО-ДПМНЕ за електронски попис, од СДСМ со став дека таков вид на статистичка операција нема да ги даде комплетните податоци какви што се потребни и кои треба да бидат според стандардите на Евростат. Од оваа партија предлагаат комбиниран попис.

„За да ги добиеме сите релевантни податоци потребен е комбиниран модел на попис, односно преку вкрстување на податоците што ќе се добиваат од електронските прашалници на терен, со податоците од базите кои што веќе постојат во државата, да се добие целосен преглед за податоците кои се неопходни, но не се опфатени со електронските бази. Затоа само електронски попис не е доволенза да се добијат комплетни податоци какви што се потребни според Евростат и меѓународните стандарди“, посочи Дарко Каевски.

За Мицкоски комбиниран попис  е повторно неприфатлив бидејќи, како што истакна со самиот факт што попишувачите треба да влезат во домот на граѓаните тие се изложени на опасност од пандемијата.  Законот за попис беше усвоен пред околу две недели со кој се предвидува најголемата статистичка операција да се одржи од 1 до 20 април годинава.