Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција откри дека опозициската партија поднела иницијатива за поништување на уредбата за исплатата на СЈО донесена од Владата пред неколку дена.
„Би сакал да ве известам дека поднесена е иницијатива до Уставниот Суд на Република Македонија за поништување на уредбата со законска сила која се однесува на исплатата на големи пари за поранешните вработени во СЈО. Иницијативата е поднесена вчера од страна на Никола Мицевски, Координатор на досегашната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Очекуваме Уставниот Суд во најбрзо можно време да се произнесе по оваа предлог иницијатива.
Дозволете ми на кратко да објаснам зошто е поднесена ова иницијатива и зошто сметаме дека уредбата која што се однесува на поранешните вработени во СЈО и исплатата на големи парични средства за нив е неуставна, незаконита и економски штетна.
Прво институтот „вонредна состојба“ согласно повеќе меѓународни документи ратификувани од страна на Македонија, а особено меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Европската Конвенција за човекови права има две главни компоненти од кои едната е законска рамка, а другата е оперативна рамка. Тоа е фактички вонредната состојба. И секогаш кога има законска рамка, законската рамка на било која уредба со законска сила мора да се однесува на темата која што е основа за прогласувањето на вонредната состојба.
Уредбата за исплата на пари на поранешни вработени, службеници, истражители во СЈО нема никаква допирна точка со основата за прогласување на вонредна состојба во Република Македонија, а тоа е борба со пандемијата и вирусот Ковид-19 и неговите здравствени и економски последици. Затоа сметаме дека оваа уредба е незаконита, е противуставна и е спротивна на уредбите кој што Република Македонија ги ратификувала како членка на Советот на Европа.“, рече Милошоски.
