ВМРО-ДПМНЕ и официјално до Собрание ја достави интерпелацијата за работата на собранискиот спикер Талат Џафери. Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бараат Џафери да ја стави интерпелацијата на пленарна седница, а не да ја чува во фиока како минатата.
Опозициската Алијанса за Албанците не кажа конкретно дали ќе ја поддржат или не интерпелацијата против Џафери но појаснија дека според нив сите последни случувања со претседателот на Собранието, Џафери се дефокусирање на јавноста.
„Сите овие манифестации што ги гледаме во последно време се непотребен театар, секако со главна улога на Талат Џафери кој има за цел да го одвлече фокусот и вниманието на јавноста од последователните проблеми, од кризите, големата корупција, од постојаното поскапување, од најавите за нови поскапувања, инфлацијата воопшто, последователните потфрлања, заемите и покрај се ова, недостигот на успех“, истакна Ељми Азири.
Пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми истакна дека ВМРО-ДПМНЕ само доставува интерпелации, а потоа бара истите да не се одржат.
Колку пати сте побарале да не се одржат седници за интерпелации на министри иако вие ги имате предложено. Еднаш некој од вашите пратеници беше на пат, еднаш заради фудбалски натпревар, еднаш заради нешто друго и сега го обвинувате претседателот на Собранието дека тој не сака да се одржат тие седници. Да бидеме искрени, вие самите ги доставивте тие интерпелации и самите побаравте 3 пати по ред да не се одржат тие седници“, вели Арбр Адеми.
Ова е втор пат ВМРО-ДПМНЕ да достави интерпелација против Џафери. Денешната интерпелација беше заради затворањето на пратениците во салата каде што се одржување пленарната седница како и заради аудио снимката објавена на која се слушаат навреди и пцости од страна на Џафери упатени до собраниските служби.
Според Деловникот за работа, Џафери треба интерпелацијата да ја достави до пратениците, а и самиот да ја разгледа. Има 15 дена да достави писмен одговор до пратениците, а по истекот на овој рок, мора да ја стави на дневен ред на првата наредна седница на Собранието.
