И покрај тоа што се работи за оставки кои се од техничка природа на премиерот Димитар Ковачевски и со тоа и целата Влада како и оставката на претседателот на Собранието Талат Џафери кој во недела ја презема обврска технички премиер, пратениците од опозицијата тоа го поздравија со бурни аплаузи.
„Ве известувам дека претседателот на Владата на Република Северна Македонија господин Димитар Ковачевски поднесе оставка“.
„Ве известувам дека пратеникот Талат Џафери поднесе оставка на функцијата претседател на Собранието на Република Северна Македонија“
Ковачевски не дојде во Собранието , а ниту тој ниту Џафери не ги образложија своите оставки токму поради тоа што се работи за технички дел, по што само им беа констатирани. Дебата се разви на точката за предлогот за избор на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески кој беше избран за претседател на Собранието на местото на Џафери со 64 за а против гласаа 40 пратеници сите од ВМРО-ДПМНЕ, по што тој даде свечена изјава. Изрази благодарност за соработката со досегашниот претседател Џафери и рече дека ќе работи за ефикасно Собрание.
„Да изразам благодарност до досегашниот претседател Талат Џафери …. “, вели Јован Митрески.
Ве уверувам дека со посилен интензитет ќе продолжам да работам во интерес на функционалноста и ефикасноста на Собранието секако во согласност со Уставот, со Деловникот, со законската регулатива но пред се во интерес на граѓаните.
Координаторот пак на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ја критикуваше работата на Собранието во изминатиот мандат. Рече дека законодавниот дом станал непресушен извор на самоволие и насилие, како и постојана злоупотреба на европското знаме од страна на мнозинството кога се сака да се протурка некој закон.
„Ова повеќе не наликува на законодавен дом, туку на дом на меѓупартиски и меѓукоалициски пазари и договори на штета на граѓаните на дневно ниво. Имено, слободно можам да кажам дека во овој мандат кој впрочем ги брои последните денови и месеци видовме се и сешто но не видовме едно европско собрание кое што треба да биде цврст столб на една демократска европска држава“, порача Никола Мицевски.
Во одбрана на работата на претседателот на Собранието Талат Џафери говореше координаторот на пратеничката на ДУИ Арбр Адеми.
„Факт е дека за правецот во кој се движеше Собранието на РСМ последните години, заслугите му припаѓаат на досегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, но исто така е факт дека тоа ќе беше оневозможено доколку овие демократски начела не беа клучните начела според кои работевме и ние како координатори на парламентарното мнозинство“, порача Арбр Адеми.
Изборот на техничката влада е закажан за в недела на 28 овој месец, по што ќе започнат да течат 100-те дена од преодната влада која има обврска да ги спроведе изборите.
