Државни функционери, шефови на комисии, директори и раководители на институции кријат имот вреден 30 милиони евра, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Велат дека станува збор за функционери на СДСМ и ДУИ, кои, според пратеникот Бране Петрушевски, кријат куќи, станови, викендички, деловни простории и никаде ги немаат пријавено.
Според ВМРО-ДПМНЕ, се работи за намерно прикривање на имот, бидејќи според нив имотот е стекнат на незаконски и криминален начин. Даден е рок од 24 часа самите институции да ги објават имињата, во спротивно утре ќе ги откријат со име и презиме и каков имот кријат.
Од СДСМ реагираа веднаш. Велат дека „Белиот дворец“ на ВМРО-ДПМНЕ е синоним за криминал. Повикуваат доколку ВМРО-ДПМНЕ има информации за функционери кои не прикажале имот и направиле некаков прекршок, случајот да го достави до Антикорупциска комисија.
„Со судска пресуда за Талир 2 е докажано Белиот дворец вреден околу 7 милиони евра е незаконски, криминално стекнат, врз грбот на граѓаните, односно со пари украдени од граѓаните. Кога зборува за имоти, ВМРО-ДПМНЕ прво нека си погледне во своите редови и својот дворец.Со кој пријавен имот и на каков начин Никола Груевски живее во Будимпешта?“, велат од СДСМ.
Во аферата што ја истражуваше ВМРО-ДПМНЕ не се вмешани актуелни заменици и министри. Според законските одредби, казната доколку службено лице не го прикаже имотот што го поседува е 300 евра.
