Последователните скандали и неодговорното и непрофесионално работење на собранискиот спикер се некои од причините на ВМРО-ДПМНЕ кои ги смета како основа за интерпелацијата против претседателот на Собранието Талат Џафери, која и официјално утре ќе ја достават во Собранието.
За да помине интерпелацијата потребни се 61 глас. Дали интерпелацијата ќе ја поддржи албанската опозиција?
Од АА без став. Ни рекоа дека партиската одлука за интерпелацијата против Џафери ќе ја соопштат следниве денови.
Од Движење Беса велат дека ќе ја поддржат интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Повеќе од јасно е дека по последните случувања во Собранието, особено по разрешувањето на пратеникот Фадиљ Зендели од Комисијата за избори и именувања, Талат Џафери несомнено дека нема кредибилитет да ја извршува должноста претседател на Собранието. Пратениците на Беса ќе ја поддржат интерпелацијата но најважно е мнозинството да сфати дека ги измами граѓаните на земјава и затоа треба да одиме што поскоро на предвремени парламентарни избори.“, велат од БЕСА.
Ова не е прва интерпелација против Џафери како претседател на Собранието, а според Правилникот и во случај кога се покрева интерпелација за претседателот на Собранието, тој самиот ја води седницата за интерпелацијата.
