Пратеникот Халил Снопче и премиерот Христијан Мицкоски си посакаа среќа еден на друг, а владината коалиција ќе продолжи, како што најавија од партиите, стабилно да функционира. Откако Мицкоски искоментира „нека му е со среќа“ за најавата на Снопче дека ВРЕДИ ќе ја напушти владината коалиција ако се изгласа Законот за бранителите, пратеникот врати со иста мера. Снопче, во писмена реакција, истакна дека неговата изјава не претставува закана.
Претходно, министерот од редовите на ВРЕДИ, Арбен Таравари нагласи дека односите во Владата се коректни, но дека постојат одредени „испади“ и недоразбирања, поради кои треба повеќе време за синхронизација и координација. И од владејачката ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека односите во коалицијата се стабилни.
„Дека владината коалиција е стабилна говори и фактот што во Собранието имаме безмалку двотретинско мнозинство. Владата е фокусирана на проекти и мерки кои значат подобар живот за граѓаните и односите се во насока на стабилен политички дијалог за развој и економска трансформација“, вели Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Владините односи ги искоментираа и социјалдемократите. Тие ги повикаа Мицкоски и Снопче да работат, а не да се расправаат.
„Воопшто не е важно дали конфликтот е реален или не, тој на крај резултира со слаба Влада која ги злоупотребува чувствата на граѓаните. Овие конфликти внатре во Владата и постојани јавни препукување не се непознати, тоа го правеа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во цел мандат. Во јавност се караа на маса ги делеа бизнисите“, вели Богданка Кузеска од СДСМ.
Во Владата досега за неколку теми имаше разногласија меѓу партнерите ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ. Меѓу нив и за употребата на знамето, балансерот, Албанската академија за науки и уметности, како и бранителите. Претходно, премиерот Мицкоски изјави дека и во едно семејство не мора сите секогаш да имаат согласност.
