Во поширокиот дебарски регион, по обилните дождови во изминатите два дена, се појавија мали, но чести одрони на влажните патишта. Заради тоа, се препорачува внимателно возење.
Екипи на дебарската секција на ЈП за одржување патишта активно работат на расчистување на одроните, а сообраќајот се одвива без поголеми проблеми.
„Работиме со дежурни екипи и со потребната механизација за брзо расчистување на камењата на коловозот. Внимателното возење и почитување на сообраќајните правила се од клучно значење“, изјави Деар Лиманоски, раководител на секцијата.
Тој додаде дека моментално нема снежни врнежи и дека имаат доволно абразивен материјал и механизација за одржување на патиштата. Пунктот во Долно Косоврасти има резерви на сол и ризла, а доколку биде потребно, ќе се набават дополнителни количини.
Секцијата одржува над 110 километри патишта во дебарскиот регион, кој е познат по чести одрони и лавини, вклучувајќи ги делниците: Дебар – Жировница (Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, Бошков Мост – Мала Река, и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.