Во 2024 сиромаштијата се намали – Владата најави мерки против сиромаштијата кај многудетните семејства

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата најави мерки за борба против сиромаштијата кај семејствата со три и повеќе деца. Промовирајќи ги реновираните простории на Гинеколошко – акушерската клиника во Државна болница, премиерот рече дека тој цврсто стои зад про – лајф политиките и за раѓање на што повеќе деца. Но, токму овие семејства се најсиромашни според најновиот извештај на Државниот завод за статистика кој се однесува на 2024 година. Според премиерот, мерките сукцесивно ќе се објавуваат во текот на 2026 година.

„Ние како влада ќе продолжиме и понатаму да работиме. Ги охрабруваме општините да продолжат со оној проект, да речеме, парцијализација за млади брачни парови, 1 евро, ослободување на комунали. Ние како влада ќе почнеме да го имплементираме поврат на даноци за мајките за прво, второ, трето, плус родено дете и така натаму.“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Иако сиромаштијата во 2024 се намали во споредба со 2023, но и во споредба со сите години од 2020, кај пензионерите се зголеми. Мицкоски вели овој податок е добро оправдување на нивната политика за линеарно зголемување на пензиите.

„Очекувам веќе во лаекенскиот параметар, односно стапката на сиромаштија во групата пензионери во ’25 драматично да биде подобрена. Бидејќи со тие 2.500 денари линеарно зголемување во ноември ’24, 2.500 денари линеарно зголемување во април за март ’25, 1.000 денари во ноември за октомври, и очекувам драматично да биде подобар во 2025, подобрена стапката на сиромаштија во групата на пензионери споредно со 2024 и 2023.“, кажа Мицкоски.

Мицкоски вели дека на владата и одговара поголема минимална плата, но само ако се договорат работодавачите и синдикатот. Тој вели дека потрошувачката кошница во Македонија е меѓу најевтините во споредба со минималната плата, односно куповната моќ во државава е подобра од добар дел од земјите во регионот. Според него, ова го кажуваат податоците на Евростат и на нив треба да им се верува, а не на творците на синдикалната минимална кошница.