Во 2025 инфлацијата 3,9%, а растот на БДП 3,5% – Славески: Ако сакаме пониски камати, да нема административно зголемување на платите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Народната банка излезе со најновите проекции за макроекономската состојба. Според нивните анализи, оваа 2025 година економијата ќе порасне за 3,5 отсто, што е идентично очекување како и на Владата, додека пак кај инфлацијата имаат сериозно разодување во проекциите. Владата се надева на 2,8 отсто на годишно ниво, додека од Народната банка очекуваат дека годинава ќе ја завршиле со инфлација од 3,9 насто или за 0,9 процентни пеони повисока во споредба со априлската проекција.

„Патеката за раст на домашната економија е нагорна. Растот, предвиден како што кажав претходно, за 2025 година е 3,5%. Непроменетите очекување за растот од 4% на среден рок. Мислам на она што сме го планирале или очекувале со априлските проекции. Инфлацијата од следната година ќе следи патека надолно приспособување. На среден рок ќе се врати кон историскиот просек од 2%.“, порача Трајко Славески.

Ова значи дека во 2026 година Бруто домашниот производ ќе порасне за 4 насто, а инфлацијата би била 2,5 отсто.

Инаку, засега базичната камата, од која зависат и каматите на кредитите за граѓаните и за фирмите,  останува непроменета на 5,35 отсто. Народната банка остава простор за нејзино намалување, но само ако се исполнат јасно поставени услови што ќе покажат дека притисоците врз цените и очекувањата се стабилно надолу.

„Сепак, доколку продолжат позитивните движења со намалување на стапката на инфлација и во наредните месеци, и во отсутство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Народна банка е подготвена соодветно да реагира во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика“, вели Трајко Славески.

Ова значи дека ако се нема зголемување на платите, со одлука на влада, тогаш можно е надолна промената на базичната камата.  Гувернерот најави дека кредитирањето ќе биде со стабилен раст, а не сакаше да го коментира негативниот извештај на Европската Комисија за економските политики на Владата.