Во Аеродром, Гостивар и Сарај сепак ќе се гласа?! – Перински укажува дека ќе бидат блокирани инфраструктурни проекти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Измените во Законот за локална самоуправа тапкаат во место. Од коалицијата „Вреди“ која е иницијатор да не се организираат предвремени локални избори во Аеродром, Гостивар и Сарај, брифираат дека ситуацијата е статус-кво. Неофицијално, не е оформено Бадентерово мнозинство, за што се потребни гласови и од Европскиот фронт. Во меѓувреме, потребно е и двотретинско мнозинство, а од СДСМ истакнаа дека ќе имаат став за предлогот откако владејачките партии ќе ги внесат предлог-измените во собраниска процедура. Социјалдемократите велат дека шестмесечниот рок тече и повикаа Законот да не биде внесен во последен момент.

„Сите закони кои до овој момент се пристигнати во Собрание, се изгласани по скратени постапки. Ниту еден закон, вклучувајќи го и овој закон, со оглед дека станува збор за системски закон, за којшто се потребни повеќе од 80 пратеници, односно двотретинско мнозинство во Собранието, а не е доставен, очекуваме поширока дебата и да се остане на она што го најавуваше ВМРО-ДПМНЕ, дека нема да носи закони на брза трака“, вели Миле Талевски.

Министерот за локална самоуправа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински рече дека на неговата партија и одговараат нови локални избори, но истакна дека треба да се гледа државнички.

„Ако гледаме државнички, сметаме дека не е целисходно во рамки на шест месеци се спроведуваат дополнителни избори, коишто ќе рефлектираат дополнителни трошоци и ќе го ограничиме нормалното функционирање на општините во коишто би се спровеле“, порача Златко Перински.

Перински додава дека со нови избори може да се усложни процедурата за изградба на нови инфраструктурни проекти, планирани со 250-те милиони евра позајмени од Унгарија, а наменети за општините.

„Оние општини коишто ќе добијат средства за да реализираат проекти, ќе бидат должни да ги сменат и своите програми , да направат нови планови, ревидирани планови за јавни набавки итн. Доколку се спроведат изборите, овие работи за тие општини каде што ќе се спроведат изборите, ќе бидат оневозможени“, додава Златко Перински.

Собранието се очекува во август да одмора, а ако наесен не се усвојат измените, во ноември повторно ќе се гласа за градоначалник, бидејќи Арбен Таравари и Тимчо Муцунски станаа министри, а Блерим Беџети седна во пратеничка фотелја. Редовни локални избори ќе има наесен наредната година.