Пет лица загинаа на новогодишната ноќ во различни области на Германија при палење моќен огномет, а еден полицаец е тешко повреден во Берлин, погоден од пиротехничко средство, соопштија денеска германските власти.
Во Берлин, каде во страв од немири беа мобилизирани силните органи на прогонот, приведени се околу 330 лица, соопшти полицијата.
Повредени се вкупно 13 полицајци, од кои еден е тешко повреден и морал да биде опериран. Го удрило пиротехничко средство нелегално произведено, изјави портпаролот на полицијата.
Неколку полицајци и спасувачи биле погодени од пиротехнички средства за време на интервенциите на новогодишната ноќ, рече портпаролот, но додаде дека, за разлика од некои претходни години, во Берлин немало насилство или поголеми инциденти.
Кога станува збор за жртви во несреќи поврзани со пиротехника, 24-годишен млад човек загина додека активирал пиротехничка ракета, во близина на Падерборн во Рајнска област – Северна Вестфалија на северозападот од земјата, соопшти локалната полиција која се сомнева дека тој самиот направил ракета.
Во Ошац, во Саксонија на истокот на земјата, 45-годишен маж починал од тешки повреди на главата кога запалил пиротехничка бомба. Полицијата соопшти дека се работи за моќно пиротехничко средство од категоријата Ф4, за чие стекнување е потребна посебна дозвола.
И во Саксонија, 50-годишен маж загина во градот Харт кога се обидел да активира пиротехничка бомба, се здобил со тешки повреди на главата и починал на лице место, соопшти полицијата.
Во близина на Хамбург на север, 20-годишен маж загина кога запали пиротехничка ракета, а во Кремен, во областа Бранденбург во околината на Берлин, маж почина како резултат на неправилно палење пиротехничко средство, изјави портпаролот на локалната полиција.
Во тој предел во слични околности тешко биле повредени уште тројца мажи.
Германците традиционално ја слават Новата година со особено интензивна употреба на огномет, што редовно предизвикува дебата за забраната на најмоќните уреди поради зголемениот број повреди, но и поради загадувањето и силната бучава што ја произведуваат.
