Штабот за вонредни ситуации донесе наредба за евакуација на дел од населбата Стеван Синѓелиќ поради отстранување на бомба која е пронајдена на градилиште на новиот дел на Научно технолошкиот парк во Ниш.
„Евакуацијата на населението ќе почне во недела наутро во 6 часот и до 7 часот населбата Синѓелиќ треба да биде празна, без луѓе, без паркирани автомобили. Обезбедивме два големи паркинг простори каде луѓето од населбата може да ги препаркираат своите возила“, рече градоначалничката на Ниш, Драгана Сотировски.
„Специјални екипи на деминери во недела ќе бидат на локацијата. Тие ќе ја преместат бомбата која датира од времето на НАТО бомбардирањето од 1999 година, а верувале или не, тешка е 1000 килограми“, рече Сотировски.
