Во исчекување на преговарачката рамка, по изборите национален консензус за евроинтеграции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Деновиве се очекува да биде објавена преговарачката рамка на Европската унија, но нашата земја сѐ уште нема консензуален став околу тоа каков ќе биде нејзиниот пристап во текот на преговарачкиот процес, со оглед на тоа што во моментов имаме техничка Влада, а земјата влегува и во изборен процес. За да се постигне национален консензус треба да се одржи лидерска средба, која, како што најавија од Кабинетот на шефот на државата, Стево Пендаровски, се очекува да се одржи по изборите на 15 јули.

-Претседателот Стево Пендаровски смета дека по прашањата за евро-атлантските интеграции на земјата, како стратешки цели, треба да има национален консензус. Во таа насока и Претседателот е подготвен да свика лидерска средба за клучните прашања, како преговарачката рамка за ЕУ. Но, во овој период ресурсите на државата се главно насочени за справување со пандемијата на КОВИД-19, а на 15 јули не очекуваат предвремени парламентарни избори-велат од кабинетот на Пендаровски.

Од кабинетот на шефот на државата сметаат дека националниот консензус би помогнал и во потврдување на преговарачката рамка. Сепак, и ова се очекува да се случи по изборите, односно откако институциите повторно ќе бидат функционални. За постигнување консензуален став, пред некое време, лидерска средба побара и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

-Го повикувам Претседателот и политичките партии да седнат, да си подадат рака за државен договор за заеднички пристап во преговарачкиот процес-вели Бујар Османи.

Според него, консензуалниот став би овозможил во преговарачкиот процес да се отсликаат државните, а не партиските или политичките позиции. Неодамна, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, пред Европскиот парламент изјави дека преговарачката рамка која ја изготвиле, им е доставена на разгледување на земјите-членки на ЕУ. Тој најави дека усогласената рамка, која доаѓа откако земјата доби датум за стар на преговорите со ЕУ, ќе биде објавена во текот на оваа недела.