Во изминатите 24 часа регистрирани 37 пожари на отворен простор, активни се само 3

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во изминатите 24 часа се регистрирани вкупно 37 пожари на отворен простор, од кои три сè уште се активни, еден е под контрола, а останатите се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од активните пожари, мешана шума гори во Општина Студеничани, во реонот на селата Моране, Вртекeчиште и Габер. Ниска вегетација, ниска шума и грмушки горат во Општина Македонски Брод, на местото „Видуш“, во близина на селото Драгов Дол и кај селото Локвица.

Третиот активен пожар е на територијата на Општина Прилеп, во реонот на селото Царниште. Пожарот се шири во два правци – едниот кон селото Зовиќ, а другиот кон селото Крушевица. Изгорена е ниска вегетација, информираат од ЦУК.

Пожарот на депонијата во Делчево, според информациите до 7:30 часот, е под контрола.

Од изгаснатите пожари, два биле на територијата на Ѓорче Петров, два во реонот на Сарај, два во Штип, по три во Долнени, Кичево и Гостивар, додека по еден пожар бил регистриран во Аеродром, Арачиново, Могила, Новаци, Радовиш, Струмица и Чашка, како и еден пожар што зафатил територија на Велес и Зелениково.

Пожарникарите интервенирале и во Виница, Кочани, Липково, Кратово, Старо Нагоричане, Ранковце, Брвеница, Тетово и Јегуновце.

Мешана шума горела и во општините Јегуновце и Сарај. Пожарот првично избувнал во реонот на селата Копанце и Туденце во Општина Јегуновце, а потоа се проширил и кон селото Бојане во Општина Сарај.