Во најава нов закон за градба – новите згради со задолжително приклучување на парно

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сите нови станбени единици во иднина ќе мора да се градат со приклучок на парно. Оваа новина  ќе произлезе  од новиот Закон за градби . За него на една маса разговараа Претседателот на здружението на градители при Стопанската комора и Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.

„Имавме конструктивен состанок,се договоривме заеднички да настапиме при креирање на условите што се однесуваат до затоплување со новиот закон за градба и се надевам дека ќе имаме заеднички успех и ќе обезбедиме подобри услови за граѓаните“, посочи Андреа Серафимовски.

Не локација,туку квалитетна градба треба да биде приоритет при купување на стан потенцира Серафимовски. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски ја нагласи потребата од воспоставување ред во начинот на греење на граѓаните на територијата на целата држава.

„Основна цел ние е да овозможиме на територијата на целата држава да се градат мрежи кои ќе обезбедат почиста животна средина и кои ќе бидат енергетски ефикасни а при тоа цената на енергенсите кои ќе ја користат граѓаните да не им преставува  значителен товар. Со зголемен број на потрошувачи на системот за топлинска енергија ќе имаме поевтини цени на енергија за крајните корисници“, вели Марко Бислимовски.

Организираниот систем на топлинска енергија не го прифаќаат одреден број станбени единици информира Бислимовски.

„Според анализите кои ги добиваме од страна на БЕГ кој е најзасегнат во овој дел  бидејќи се излезени на терен и прават приклучоци, околу 15 до 20 згради не прифаќаат да се приклучат на организираниот систем за топлинска енергија“, додаде Бислимовски.

Серафимовски смета дека причината за ова е од економски карактер. А Бислимовски додаде дека  со промените во Законот за градба, граѓаните и градежните компании  ќе бидат обврзани да се приклучуваат на системот за топлинска енергија . За да се поттикне приклучувањето,информираше  Бислимовски, цената за приклучок по киловат од 3.160 денари е намалена на 2.000 денари. Новиот закон за градба е неопходен согласни се двете страни бедејќи како што велат така и градежните компании ќе функционираат на ист начин и по исти правила