Во океаните завршиле 1,5 милијарди заштитни маски, за нивно распаѓање се потребни 450 години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во текот на 2020 година, се произведени преку 50 милијарди маски за лице во Светот, а се проценува дека 1,56 милијарди завршиле во водите од океаните, покажуваат податоците од групата „Oceans Asia“.

Во извештајот се наведени застрашувачки податоци околу загадувањето на океаните во текот на пандемијата, со оглед на тоа колку заштитни маски завршиле во нив. Се проценува дека за нивното распаѓање се потребни 450 години.

Исто така се наведува дека 3% од 52-те милијарди произведени маски завршуваат во водите. Тоа се загрижувачки податоци, затоа што пластичниот отпад годишно усмртува околу 100.000 морски цицачи и желки, и повеќе од милион морски птици, многу повеќе риби и други морски животни.

Пластичниот отпад во океаните влијае и врз риболовот и економијата. Пластичниот отпад е зголемен во текот на минатата година поради пандемијата, со оглед на задолжителното користење на маски и ракавици и тоа негативно се одразува врз природата.

„Маските за еднократна употреба се направени од разни врсти на пластика и тешко се рециклираат поради својот состав, и се ризик за сите животни“, се вели во извештајот.