Излегле од власта, но и натаму имаат партиски членови на раководни позиции во неколку државни институции. Кренар Лога од редовите на Алијанса за Албанците со обвинувања за Алтернатива и Движење Беса, кои не ги отстапуваат директорските фотелји, иако како што вели, постојано ја напаѓаат Владата.
„Станува збор за 4-5 функционери на Беса, кои се уште се на позиции. Има функционери на Алтернатива кои одбиваат да дадат оставка и тоа е апсурдно. Истовремено овие партии ја напаѓаат Владата, а нивните членови продолжуваат да бидат директори во централни институции и тоа е многу срамно.“, вели Лога.
Од Движење Беса негираат дека се уште имаат „лица од партијата„ на чело на некоја институција.
„Движење Беса нема ниту еден директор на политичка позиција во извршната власт. Доколку Владата има проблеми со разрешувањата или именувањето на директори, тоа е нивен проблем а не на опозициските партии.“, велат од Беса.
Меѓутоа под раководство на Беса се НУ „Вардар филм“ на чело со Сани Саиди и Музејот на природни науки со кој раководи Ферат Мемети. Саиди пред три месеци од партијата на Касами премина во ДУИ, а останува нејасно дали Мемети е се уште член на Беса.
Од Алтернатива, и порачаа на Алијанса за Албанците, да научат како функционира власта, а ги потсетија дека во институциите има и директори од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Еден министер за правда треба да знае како функционира власта и дека има директори кои се избираат на конкурс и директори кои се именувани. Колку за информација, во власта има се уште функционери кои се избрани од времето на ВМРО-ДПМНЕ, на Груевски. Како и да е, се надеваме дека АА ќе ги научи овие лекции и наскоро ќе и помине пасијата за власт, и да стојат цврсто со нозете на земја, за да сфати дека Албанците очекуваат промена, а АА станаа пречка на таа долго очекувана промена.“, велат од Алтернатива.
Од редовите на Алтернатива има тројца директори, Насер Цури во НУ Спомен куќа Мајка Тереза, Расим Али, на чело на ДО „Славија“ и Хајрула Мисини кој раководи со Агенцијата за поддршка во претприемништвото.
Прашан дали сите овие функции и припаѓаат на АА, Кренар Лога изјави дека тие се на владината коалиција.
