Во ова општество сите сме еднакви, Пендаровски во посета на малата Амбла во Гостивар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на државата Стево Пендаровски го посети семејството на малата Амбла во Гостивар. На овој начин како што вели, сакал да покаже дека во ова општество сите треба да сме еднакви, не само на хартија. Вели, пораката која сака да ја испрати е подигнување на свеста дека има луѓе кои имаат посебни потреби.

-Во ова општество сите сме еднакви. И треба да помогнеме навистина сите да се чуствуваме и да бидеме еднакви, не само на хартија да биде така. Ние сме рамноправни на хартија, некогаш во животот не е баш така. Доаѓам да дадам поддршка таму каде што можам, од оваа позиција на која што сум, ако можеме да ја кренеме свеста, да сфатиме дека има луѓе кои имаат посебни потреби, рече Пендаровски.

Таткото на малата Амбла, се обиде да се заблагодари на Пендаровски за посетата….

„Нема потреба да ми се заблагодаруваш. Ова е моја обврска, ова треба да биде обврска на сите, не само на претседатели, премиери, министри…обврска на секој граѓанин на оваа држава“, рече Пендаровски.

Пред неколку дена покрената е и петиција за разрешување на директорот на училиштето во кое учи малата Амбла, поради тоа што ја прифатил петицијата на родителите на другите деца.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари се сретнал со директорот и сите родители чии деца учеле во исто одделение со Амбла, а се сретнал и со училишниот психолог.

-Добро е да се знае бидејќи и според категоризацијата која ја имаме за Амбла, не е само за Даунов Синдром, кај Амбла се евидентирани и симптоми за аутизам и тоа со агресивност на моменти, рече Таравари.

Но таткото на Амбла, не се согласува со ова изјава на Таравари.

-Не е вистина, ние овие имаме и лабораториски резултати од Академијата за науки и сметам дека тоа е релевантна институција, таму пишува во каква состојба е Амбла. Според резултатите на Академијата за науки од раѓање Амбла е со Даунов синдром но не и со аутизам, вели Адеми.

Случајот на малата Амбла која има Даунов Синдром, ја потресе целата македонска јавност. Критиките за односот кон неа беа големи. Но, се поставува прашањето дали и во овој случај се покажа дека системот не функционира, туку се реагира пост фестум, односно откако ќе биде направена штетата.