Турските власти уапсија неколку градоначалници во серија акции насочени против опозициски политичари, објави денеска агенцијата „Анадолу“.
Во операциите се уапсени вкупно 59 осомничени лица, меѓу кои и Вахап Сечер, градоначалник на јужниот град Мерсин. Тие се соочуваат со обвиненија за корупција поврзани со наводни неправилности во јавни тендери, објави ДПА.
Сечер, член на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), освои околу 60 отсто од гласовите на локалните избори во март 2024 година.
На тие избори, ЦХП освои најголем број градоначалнички места на национално ниво, нанесувајќи тежок удар врз Партијата на правдата и развојот (АКП) на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Оттогаш, неколку опозициски функционери се уапсени или затворени.
Меѓу нив најпознат е поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, еден од главните политички ривали на Ердоган.
Владата негира какво било мешање во работата на судството.
Озгур Озел, поранешен лидер на ЦХП, беше разрешен од функцијата со судска одлука во мај, по што ја основаше „Новата партија“. Таа подоцна стана најголемата опозициска сила во земјата, откако ѝ се приклучија голем број пратеници, а член стана и Имамоглу, потсетува ДПА.
