Голема полициска акција е во тек против 23 лица. Дел од нив се од поранешното раководство на РЕК Битола и ЕСМ, меѓу нив и екс-директорот на институцијата Васко Ковачевски, а во медиумите се споменува и името на поранешниот комерцијален директор Ардијан Муча. Сомневањата се дека проневериле 6,5 милиони евра. Се апси во Скопје, Битола, Неготино, Велес, а дел од лицата се сопственици на компании кои добиле тендери во РЕК. За ваквите информации од Министерството за внатрешни работи кажаа дека ќе споделат детали штом заврши акцијата. Нема детали ниту од Обвинителството за борба против организиран криминал. Сепак, повеќе информации имаше премиерот Христијан Мицкоски, кој кажа дека се брифирал од министерот Панче Тошковски. Од сите лица по кои се трага во акцијата, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека единствено недостапен е Васко Ковачевски.
„Не, не е во државата од подолго време, но очекувам и да го обезбедиме и да го вратиме во државата“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски истакна дека се работи за добро организирана група, а доказите што биле најдени биле загрижувачки.
„Се здружиле и направиле… постои основано сомнение дека направиле криминал од отприлика 6 и половина милиони евра. Многу докази се најдени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција потврдија дека акцијата е се уште во тек, но додаваат дека детали ќе споделат откако ќе ги завршат сите претреси.
