Во Собранието, комеморација за Геноцидот во Сребреница: „Никогаш да не се заборави“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Геноцидот во Сребреница претставува еден од најголемите неуспеси што оставил траен и темен белег врз човештвото, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши во своето обраќање. Тој нагласи дека геноцидот не започнува со звукот на оружјето, туку со рамнодушноста кон насилството, додавајќи дека токму затоа улогата на институциите е од суштинско значење.

-Тука сме затоа што геноцидот не започнува со звукот на оружјето. Тој започнува многу порано, со индиферентноста на луѓето кон насилството. Започнува со зборот што поттикнува омраза, со негирањето на достоинството на другиот, со молчењето пред неправдата и со рамнодушноста на тие што мислат дека злото е далеку од нив, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Геноцидот не е природна катастрофа па да велиме се случил, туку тој е испланиран и извршен против еден народ, во овој случај Бошњаците, вели академикот Ферид Мухиќ.

-Значи никако да не се зборува се случи, не се случи, туку извршен е геноцид. Тогаш имаме работа, бидејќи е организиран, реков, во Генерал штаб извршен, подржан, планиран, тоа е проект. Целиот проект е геноциден, меѓутоа секое масовно убиство не може да биде во афект. Не можете осум илјади, девет илјади или десет илјади души да испотепате без огромна организација, изјави Ферид Мухиќ, академик.

Што се однесува за повиците за простување, Мухиќ додава дека никој тоа досега не го побарал, туку напротив, оние што го извршиле геноцидот и 31 година подоцна, го негираат тоа. Додава дека никој не може да прости во името на оние кои страдале и се убиени.

Според Џевад Хот, Сребреница не треба да се спомнува само еден ден во годината. Таа мора да биде врежана во колективната меморија, во образовната програма, бидејќи само преку вистината ќе се спречи да надвладее омразата.

-Сребреница не е само географско место, таа е симболот на најголемото страдање во Европа по Втората светска војна. Таа е име, кое не потсетува колку може да оди далеку омразата кога се претвора во државна политика, кога пропагандата ќе ја замени вистината, а молкот на меѓународната заедница ќе стане простор во кој злочинот добива можност да се оствари, изјави Џевад Хот од Бошњачки национален сојуз.

Аднан Азизи, претседател на Комитетот за односи меѓу заедниците истакна дека Сребреница претставува рана што не заздравува и потсети дека зад бројките стојат човечки животи. Во Сребреница не било нападнато само едно население, туку самото човештво. Осврнувајќи се на мултиетничкиот карактер на нашата држава, Азизи нагласи дека соживотот и меѓусебната почит се чуваат преку силни и одговорни институции, упатувајќи порака дека споменот на жртвите никогаш нема да биде заборавен.