Во Србија вакцинација, Македонија ќе почека! Хасани: Се прави максимум што поскоро да се обезбедат вакцини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, ја прими вакцината Фајзер против Ковид-19, со што и официјално во оваа земја започна процесот на вакцинација на населението против коронавирус. Вели дека чувствувала потреба да се вакцинира прва, за да покаже дека верува во вакцината и институциите.

-Денеска е ден за насмевки. Конечно, првпат од 6-ти март, имаме причина за насмевка, бидејќи денеска е денот кој го одбележува крајот на пандемијата на коронавирусот, секако во Србија, но и во цела Европа и во светот-вели Брнабиќ.

Србија е прва земја во регионот која почна со вакцинација на населението против коронавирус, а трета во Европа по Швајцарија и Велика Британија.

Заменик-министерот за здравство, Илир Хасани, објаснува зошто во регионот Србија прва ја добила вакцината, во однос на Македонија, но и останатите соседи.

-Има многу фактори за тоа. Регионалнот центар на Фајзер е во Белград, преку кој всушност се снабдуваат сите соседни земји-рече Хасани.

Но, кога во Македонија ќе пристигнат првите дози на вакцината?

-Тешко е да се одреди конкретен датум во оваа трка која во моментов е на светско ниво за обезбедување на вакцините. Ние ги користиме сите дипломатски, лични и државни капацитети кои се во служба на обезбедување на вакцини. Се прави максимумот за што поскоро да пристигнат. Ова е борба на сите земји да добијат дел од колачот и тоа што е можно поскоро-рече Хасани.

Еден ден по Божиќ се очекува да почне вакцинирањето и во Грција. Вакцинациата на грчкит премиер Мицотакис и неговата сопруга ќе биде пренесувано во живо од медиумите. Бугарија планира да почне во вакцинирањето против коронавирус на 27-ми месецов. И Косово аплицираше за вакцини против Ковид-19, но тамошното Министерство за здравство сѐ уште не знае кога ќе пристигнат првите вакцини. Исто така и во Албанија се очекува вакцинацијата да почне следната година.