Бројот на заразени со Ковид 19 опаѓа меѓутоа бројот на починати и натаму е многу висок. Во последните 24 часа во Тетово починале 2 лица а во Ковид центарот се хоспитализирани 108 пациенти, од кои 106 се на кислород а 2 на респиратор. Во само едно семејство починаа тројца членови, родителите и нивната ќерка, а вчера почина 15 годишно девојче на кое пред неколку дена му починала мајката од ковид 19.
Лекарката Миранда Пајазити од Тетовската болница објаснувајќи за тоа како дошло до смрт кај тројцата членови од исто семејство, рече дека починале дома и имале други придружни болести.
„Најмладата пациентка е на 36 годишна возраст, била со обезитас, гинеколошки проблеми и други придружни болести. Нејзините родители биле во тешки форми на болести како канцер во терминална фаза кај таткото и кардиолошка болест кај мајката. Значи генетскиот фактор иимаат голема улога во овој правец“, истакна Миранда Пајазити.
Лекарката Пајазити со оптимизам вели дека состојбата се подобрува и дека граѓаните се освестуваат, барајќи помош во амбулантите уште при првите симптоми.
„Имаме зголемен број на прегледи во амбуланта, само вчера навечер имавме 146 прегледи, значи дека свеста кај граѓаните расте, значи не доаѓаат во последната фаза во болница туку со појавување на симптоми доаѓаат. Апелирам до сите, кога ги имаат првите симптоми, било тоа течење на носот или главоболка, да доаѓаат на преглед, а не кога се во последната фаза“, посочи Миранда Пајазити.
Податоците од минатата недела од ИЈЗ покажуваат дека 199 пациенти починале како последица од корона вирусот. Најмногу жртви има во Скопје, 46, Тетово 42, Гостивар 27, Кичево 12 и Куманово 11. Најголем дел од починатите се на возраст над 60 години.
