Тажна вест ја потресе мароканската спортска јавност, откако младата фудбалерка Фатен Бен Омар Ел Азизи го загуби животот при обид преку морски пат да стигне до шпанската енклава Сеута.
Фудбалерката на Могреб Атлетик де Тангер била меѓу стотиците луѓе кои се обиделе да го препливаат морскиот теснец од мароканскиот град Фнидек до Сеута. По спасувачката акција, нејзиното тело било пронајдено во морето, во кој загинаа уште најмалку 50-тина.
Нејзината смрт предизвика голема тага во Мароко, каде што важеше за талентирана и посветена спортистка. Колеги, тренери и пријатели преку социјалните мрежи се простија од неа, истакнувајќи дека ќе остане запаметена по својата дисциплина, професионален однос и човечки квалитети.
Фатен потекнувала од семејство кое со години е поврзано со фудбалот. Нејзиниот роднина Абдесамад Ел Азизи е поранешен фудбалер кој настапувал за Итихад Мартил и Асоцијација Спортив де Мартил.
Според информациите на локалните медиуми, во последните денови повеќе од 800 лица се обиделе по морски пат да стигнат до Сеута, изложувајќи се на силни морски струи, ниски температури и сериозен ризик по животот. Мароканските и шпанските спасувачки служби интервенирале во обид да спасат што поголем број мигранти.
Фнидек во последните месеци стана една од главните појдовни точки за мигрантите кои се надеваат дека преку Сеута ќе влезат во Европската Унија. Смртта на младата фудбалерка уште еднаш ја отвори темата за опасностите од нелегалните миграциски рути и трагичните последици што тие често ги носат.
