Војната меѓу Мицкоски и Груевски тема на ЦК – Груевски со нов пост, го искара членството и побара видео врска за ЦК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прашањата за тоа кој се договарал околу Кривичниот законик и воопшто целата јавна преписка меѓу актуелниот и екс претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и Никола Груевски беше тема на синоќешната седница на Централниот комитет на партијата. Бојан Стојановски кој е член на највисокото партиско тело рече дека на оваа седница присуствувале сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со што стави на знаење дека нема поделба во пратеничката група во Собранието.

„Без разлика на размислувањата, разговарањата или некои одредени акти кои што доаѓаат од сегашни или поранешни функционери, од луѓе кои што се присутни во Република Македонија или надвор од Република Македонија пратеничката група е кохезивна и застанува зад ставот кој што го делат над 80 проценти од граѓаните на Република Македонија, а тоа е дека уставни измени под бугарски диктат едноставно нема да се случат, без разлика од каде доаѓаат таквите сигнали“, вели Бојан Стојановски.

Сепак Груевски и не застанува со преписките испратени од Будимпешта. Во подолгиот напис овој пат му се обрати на членството заедно со претседателот Мицкоски, обидувајќи се да им држи лекции и ги искара, а побара и преку видео врска да се вклучи во седницата на Централниот комитет. .

Многу сте забрефтани и арогантни. Ве има обземено и злоба. Ја чувствувам кон мене. Исплашени некој да не ви ги земе местата. Ви лежат луѓе невини по затвори, ги влечат по судови, со прст не мрднувате да им помогнете. Ви поминуваат штетни за државата одлуки секој ден. Дремете. Доколку на Седницата на ЦК се зборува за мене и ако сакате тоа демократско правило да го испочитувате ви стојам на располагање преку видео врска да се вклучам во живо“, порача Никола Груевски.

Од СДСМ и денеска велат дека во опозициската ВМРО-ДПМНЕ постојат внатрешни кавги, обвинувања и препукувања и бараат да одговорат за договорите со Груевски наместо да ја вмешуваат СДСМ во меѓусебните пресметки.

ГРАФИКА СДСМ

Во дворските игри и пресметки Мицкоски да не ја меша СДСМ и сам да си ги решава кавгите. Јавноста се уште чека одговор од Мицкоски за диловите со Груевски. Никако да одговори за барањата за амнестија на негови сопартијци, заради незадоволство токму од него внатре во неговата партија. Мицкоски е бледа копија на Груевски“, велат од СДСМ.

Јавноста стана сведок на отворената војна меѓу Мицкоски и Груевски откако актуелниот лидер на партијата во интервју за германски весник изјави дека неговиот претходник имал скриени договори со власта за да се изгласаат уставните измени. Ова е прва јавна конфронтација меѓу нив откако беа донесени измените на Кривичниот законик за кои се шпекулира дека треба да обезбедат амнестија за Груевски во замена за обезбедување поддршка за уставните измени.