Војници на Хитлер на дното на Дунав, сушaта откри остатоци по 81 година!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Екстремно ниското ниво на реката Дунав, предизвикано од долгиот период на голема суша, откри историска и опасна глетка во самиот центар на унгарската престолнина. Во непосредна близина на унгарскиот Парламент, од речното корито изнурнаа остатоци од Втората светска војна кои лежеле недопрени 81 година.

Случајните минувачи и локалните власти забележале метална конструкција и материјали во калта, по што веднаш биле повикани специјализирани пиротехнички екипи и воени археолози. На лице место се откриени телата на двајца припадници на германскиот Вермахт, чиешто исчезнување датира уште од драматичните борби за градот во зимата 1944/1945 година.

Покрај човечките остатоци, на истото место е пронајден добро сочуван воен мотоцикл со приколка, неколку канистри за гориво, како и активни противтенковски мини.

Откако локацијата беше брзо обезбедена и блокирана за пешаци и пловила, воените деминери започнаа деликатна операција за неутрализирање и безбедно отстранување на експлозивните направи. Поради близината на монументалната зграда на Парламентот и фреквентните булевари, безбедносните протоколи беа подигнати на највисоко ниво.

Според првичните проценки на историчарите, се претпоставува дека возилото и војниците паднале во реката за време на опсадата на Будимпешта — една од најкрвавите битки за време на судирот меѓу германско-унгарските сили и Црвената армија, кога голем дел од мостовите на Дунав беа урнати при повлекувањето.