Вонреден инспекциски надзор за пациентката која го загуби бебето, Клековски: Извршена контрола во болниците во Струга, Охрид и на Гинекологија во Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заврши вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за случајот со пациентката Љ.Ш. од Охрид, која го загуби плодот пред завршувањето на бременоста. Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека извештајот ги опфаќа општите болници во Охрид и Струга, како и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, за периодот од мај до септември.

Тој рече дека побарал да се провери и работата на матичниот гинеколог, како и третманот во приватната здравствена установа каде што пациентката била на преглед. Во однос на случајот со пациентката С.М., министерот информираше дека стручниот надзор е завршен, а резултатите ќе бидат презентирани утре на прес-конференција со лекарите кои биле вклучени во стручниот надзор. Пациентката С.М. од Струмица остана неподвижна откако се породила со царски рез во болницата во Штип.

„Направен е увидот, јас побарав дополнување со уште две работи, да се провери работата на матичниот гинеколог пред да почне пациентката да оди во општата болница во Охрид. И има една изјава дека во овој период била и во една приватна здравствена установа и заради целосност на извештајот побарав да се изврши увид и во тоа што е правено во таа болница, за да имаме комплетна информација.“, изјави министерот Клековски.