Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО на вонредниот состанок изразија поддршка за земјите кои би можеле да се соочат со одреден ризик, како што се Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека овие земји се исправени пред разни ризици, па затоа треба да им се укаже поддршка од разна природа.
„Овие земји се соочуваат со различни ризици и предизвици. Но, она што им е заедничко е тоа што видовме дека Русија ја применува својата моќ за да ги заплаши, делумно со мешање во нивните политики или пак, со воена инвазија“, вели Столтенберг.
Столтенберг вели дека задача на Северноатлантската алијанса е да го спречи ширењето на војната во други европски земји, додавајќи дека она што го гледаме во Украина е застрашувачки.
„Ние како НАТО сме должни да спречиме војната да ескалира вон Украина, бидејќи тоа би било уште поопасно, разорувачки и ќе донесе уште повеќе загубени животи. Ние нема да се движиме кон Украина, ниту со сили во воздушниот простор, ниту на копно. Ако го направиме тоа, ќе предизвикаме војна во цела Европа“, рече Столтенберг.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја истакна поддршката на Северна Македонија кон Украина, нагласувајќи ја потребата за брзо проширување на ЕУ од безбедносни причини.
„Обединети сме во нашата осуда на војната на Путин. Воведовме значителни санкции и Русија е изолирана. Неодамнешното гласање во ОН покажа дека светот е обединет против изборот на Путин за војна. Второ, обединети сме во нашата солидарност со Украина. Нивната храброст е импресивна и нивната одлучност за мирно решавање е за почит“, вели Османи.
На вонредниот состанок на НАТО се дискутираше за актуелната состојба во Украина по руската воена инвазија и последиците врз евроатлантската безбедност. Меѓу другото, учесниците разговараа и за мерките и активностите кои ги презема Алијансата за заштита на територијата и гарантирање безбедност на сите земји-членки на НАТО, како и поддршката за Украина.
