Швајцарските власти преземаат чекори за надминување на последиците од катастрофалниот пожар во ски-центарот Кран-Монтана, со фокус на побрзо решавање на спорните прашања и обештетување на жртвите.
Владата соопшти дека ќе се заложи за вонсудски пристап во случајот, во кој загинаа 41 лице, а околу 80 беа повредени, дел од нив со сериозни повреди. Како дел од овој процес, во Берн е формирана специјална тркалезна маса, која треба да ги обедини сите засегнати страни.
За нејзин претседател е назначен економистот и поранешен кантонален политичар Лоран Курт, чија задача ќе биде да посредува меѓу жртвите и нивните семејства, осигурителните компании, институциите и лицата кои би можеле да сносат одговорност за несреќата.
Од владата посочуваат дека неговото искуство со комплексни процеси со повеќе учесници е од особено значење за воспоставување конструктивен дијалог и постигнување договори надвор од судските постапки.
Пожарот избувнал за време на новогодишна прослава во барот „Ле Констеласион“, кога искри од пиротехнички фонтани ја зафатиле таванската обвивка, по што огнот брзо се проширил.
Истрагата ги опфаќа сопствениците на објектот, како и неколку градски службеници, под сомнение за небрежно предизвикување смрт, телесни повреди и пожар. Дополнително, утврдено е дека објектот не бил подложен на редовна противпожарна контрола од 2019 година, што се смета за еден од факторите кои придонеле за тежината на последиците.
Со иницијативата за вонсудско решавање, швајцарските власти очекуваат побрзо обештетување и намалување на правната неизвесност околу еден од најтешките инциденти во последните години во земјата.
